Мени

Ќе се уриваат руинирани и напуштени објекти

29.07.2013 11:36 | KumanovoNews

Десет руинирани објекти во Куманово ќе бидат отстранети од градежната инспекција, бидејќи претставуваат потенцијална опасност за граѓаните.

Ќе се уриваат руинирани и напуштени објекти

Стара куќа, секој момент може да падне на улицата “Илинденска“ спроти сендивичарницата “Аркадија“.  Соседите се загрижени дека може да повреди некого.

Куќата е стара и не е одржувана бидејќи има повеќе сопственици. Никој не се грижеше за неа и еве година дена како пропаѓа. Ако дува ветер или врне дожд може да падне. Ние два пати собиравме потписи и баравме од општината да ја срушат - велат соседите.

Верче Лазаревска од секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово објаснува дека ќе се отстранат руинирани објекти на улиците “Моша Пијаде“, “Перо Чичо“, “Димитар Влахов“, “Тане Георгиев“, спроти Комитет и споменатиот спроти “Аркадија“.

Градежната инспекција во овој период врши надзор на руинираните објекти на територија на Куманово, посебно во централното градско јадро. Констатирано е дека има десет објекти и за нив е поведена постапка за отстранување. Се утврдува руинираниот објект на дадено подрачје, при што се испраќа барање до секторот за урбанизам за изработување на елаборат и донесување на решение за уривање на истите, доколку сопствениците не сакаат да ги отстранат објектите кои се опасност за пешаците и околината - изјави Лазаревска.

За два објекта самоиницијативно сопствениците се сложиле да бидат урнати, а еден е во фаза на уривање.