Мени

Честит Илинден

02.08.2013 07:13 | KumanovoNews

 110 години од Илинденското востание и 69 години од Првото заседание на АСНОМ денеска ќе бидат одбележани со низа манифестации и големи народни собири во Крушево и во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.

Честит Илинден

Во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, ќе присуствува претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, а на прославата во Крушево ќе се обрати премиерот, Никола Груевски. Во Скопје, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ќе положи цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто.

Во Пелинце цвеќе пре меморијалниот центар ќе положат и владините претставници Владимир Пешевски и Сафет Незири, како и лидерот на СДСМ Зоран Заев. Прославата ќе започне во 11 часот, а по обраќањето на претседателот Иванов ќе следи културно-уметничка програма и народен собир. За граѓаните кои сакаат да присуствуваат во Пелинце организиран е бесплатен превоз.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател... Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државнотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.