Чевларите на прием кај градоначалникот
Чевларите од Куманово денеска присуствуваа на предновогодишен коктел во просториите на Општина Куманово.
Градоначалникот Зоран Дамјановски им го честиташе утрешниот празник на занаетчиите Св.Спиридон , им посака успешна година со многу здравје и среќа. Тој ги пофали дека со својата работа последниве две децении чевларските фирми го промовираа градот. Дамјановски смета дека Св.Спиридон треба да биде заштитник на градот.
Тие одлуки се носат консензуално со бадентер. Духовните празници кои досега не успеавме да ги воспоставиве како традиција во Куманово, во понатамошниот период ќе се обидеме да направиме одлука политичка за да го направиме заштитник на градот. Ние претежно размислуваме во насока Св.Никола и Св.Спиридон бидејќи имаме соборна црква со тоа име, а Св.Спиридон за најголемиот наш бренд чевларството - изјави градоначалникот.
Чевларите се пожалија дека работа има се помалку и за нив е вистинска уметност да опстанат во вакви тешки услови. Рекоа дека Св.Спиридон се одбележува 50 години во Куманово, а утре ќе работат и со скромна закуска ќе го прослават празникот на занаетчиите.
Скромно согласно условите ќе го одбележиме празникот. Утре ќе ги одведеме работниците на една скромна закуска колку да не биде без ништо. Економските услови се такви какви што се. Слабо работа, а кога нема редовна работа за нас е уметност да се опстане - рече Аце Стефановски, управител на “Санди шус“.
Чевларите велат дека последниве години нивниот патрон го слават се поскромно поради тешките економски услови.