Мени

Црвено Куманово го прослави Денот на востанието

11.10.2011 13:08 | KumanovoNews

 Масовно и заедно, централната и локалната власт, денеска на Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ во Куманово ја прослави 70 годишнината од Денот на востанието на македонскиот народ.

Црвено Куманово го прослави Денот на востанието

На свеченоста присуствуваа делегации на Сојузот на борците,кабинетот на претседателот, Собранието, Владата, локалната самоуправа,советот на Општината, АРМ, полицијата, јавните установи и институции,невладин сектор, училишта, политичките партии и граѓани, кои положија венци и цвеќе и оддадоа почит на загинатите борци во антифашистичката борба и НОБ.

 Пред присутните зборуваше првоборецот Спиро Зафировски, кој побара да не се заборава значењето на Комунистичката партија во формирањето на македонската држава, и ги повика граѓаните на сплотеност и единство, бидејќи во четиригодишната борба против фашистичкиот окупатор заедништвото била основната одлика со која успејале да го победат побројниот и посилен непријател.

Нашата војска беше прифатена од народот и добиваше секаква подршка, независно од нивната национална, политичка и верска припадност. Благодарение на таа подршка ние успејавме да извојуваме големата победа. Да не беше таа борба немаше да се случи ни АСНОМ, немаше да имаме денешната држава- рече Зафировски.

Тој ја искористи приликата да потсети за лошата состојба во која се наоѓаат спомениците на жртвите од НОБ, и побара од државата поведе повеќе сметка за нивно одржување.

Кога се градеа спомениците, државата беше посиромашна, но ги градеше и одржуваше. Сега кога матерјално сме многу побогати, сведоци сме дека спомениците пропаѓаат и за неколку години  целосно ќе ги снема ако не се презме нешто. Тие се нашата историја, и ние не смееме да бегаме од вистината.За нашите херои има споменици во соседните земји, а ние не сакаме овде да ги почитуваме и да ги одржуваме-рече Зафировски.

На присутните им се обрати и градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски, кој ги поздрави гостите и го искажа своето задоволство од големата посетеност на прославата на празникот и големиот јубилеј.Тој зборуваше за тешката борба на македонскиот народ во создавањето на сопствена држава, а се наврати и на евро-перспективите на земјата.

Ниту една слобода во историјата не била остварена еднаш за секогаш.Како што се знае за неа се бореа нашите предци, но со иста жар и поветеност, но со други сретства, денека и во иднина е потребна да се одржува за да не се напуштат историските и потврдените перспективи и да не се дозволи на ретроградните сили таа слобода да ја загрозат. Нема сомнение дека ако затреба нашите граѓани би ја бранеле нашата денешна слобода како што тоа го правеле нашите најдобрите синови и ќерки на овој народ. Заради својата историја, Куманово е град на оптимизмот, град на човечноста, мултуетнички град, со потврден соживот на своите граѓани. За такво и уште поразвиено Куманово им искажуваме чест на предходните генерации, кои ја втемелија нашата денешнина -рече Дамјановски.

На прославата немаше претставници од албанските партии во градот.