Да се подобри комуникацијата меѓу медиумите и невладините
Комуникацијата меѓу медиумите и невладините организации треба да се подобри за популаризирање и решавање на граѓанските проблеми, порачаа учесниците на дебатата организирана од граѓанскиот сектор и Независниот новинарски синдикат.
Невладините се повеќе се претвораат во организации кои се насочени на проектни активности, на донатори, а не на она што им е суштинска цел. Она што е неопходно е да се вратат и едниот и другиот сегмент на она што е нивната клучна цел. Да го препознаат интересот на граѓаните и да го заштитуваат, промовираат. Проблемот е препознаен и работата треба само да се реши - изјави Тамара Чаусидис, претседател на Независниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Организациите треба да ги селектираат важните информации, да ги спакуваат на интересен начин и така да ги пласираат во медиумите.
Еден од начините да се реши овој проблем е можеби пракса на луѓе од граѓанските организации во медиумите доколку постои можност за такво нешто. Или новинари кои би поминале дел од своето време во организации кои сметаат дека имаат потецијал. Мислам дека тоа е еден од начините на подолг рок да се воспостави одржлива соработка - вели Марија Савовска, извршен директор на здружение на граѓани за родова еднаквост “Акција здруженска“.
Вакви дебати ќе има и во другите градови во земјава.