Дајте му вода на Батка!
Аман бре луѓе, дајте му вода на Батка! Греота е човек да го гледа истопорен вака на ова пеколно сонце. Како грешен ѓавол да е. Мозокот ќе му зоврие, ако веќе не му е зовриен. Никому ништо лошо не му сторил човекот та вака врзан во суво корито да се пече.
Навистина, ќе рече некој, многу му знаела лулата, мајтапи терал, ненаситен на ракија и жени бил, од меани не излегувал, ама вакво греови патење сетуку не заслужил. Што не му правевме во ова малкуто време колку што го имаме донесено на местово да ни‘ го краси плоштадот и да ни‘ го пронесува гласот на добродушно и шегобијно кумановско племе. Го кршевме, му го крадевме бастумот, го озборувавме како недостоен да ни‘ биде споменик. Можеби е и така, ама сепак дајте му вода, греотичка е.
Навистина, што ли си мисли Батко во главата за нас - неговите потомци, вака осамен под вршникот на сонцето во право пладне, среде лето кога се‘ живо се прибира некаде под сенка, до вода. Се‘ живо бега, само тој е осуден да се вари и да се пржи без капка вода. Кога го поставуваа му ветија дека неговиот ,,поседок‘‘ ќе биде најпријатното местенце во центарот на градот, ќе ужива во опкружување на вода и зеленило, во друштво на стари и млади. Арно ама не е се‘ така како што било замислено. Мора кутриот Батко дење-ноќе да гледа и да слуша наши здодевни шеги, фрустрации, озборувања, стилови на однесување на јавно место. Со еден збор, да биде дежурен сведок на нашиот секојдневен урбан живот. И за тоа што нема капка вода во неговото корито што сме го именувале како ,,фонтана‘‘ Батко слуша секакви приказни: едни велат дека е рестрикција на вода, други дека сеуште пронаоѓачите не измислиле ревирзибилна пумпа за вода погодна за кумановски фонтани, трети велат трето. Батко смета дека ништо од тоа не е точно туку дека станува збор за нашата пословична небрежност кога се во прашање нештата, како што се фонтаните на пример. Нешта што се неодминливи места и украс на секој град што држи до својот изглед.