Дамјановски бара голема сообраќајна акција
Градоначалникот Зоран Дамјановски денеска го осуди несовесното однесување на возачите кои предизвикуваат сообраќајни несреќи во градот во кои страдаат невини граѓани.
Прес-конференција што градоначалникот денеска ја свика беше поради последната сообраќајната несреќа што синоќа се случила во селото Долно Којнаре на регионалниот пат кон селото Табановце, кога три момчиња биле тешко повредени додека се движеле по тротоар.
Предлагам со МВР да направиме една голема акција, заедно да се вклучиме невладиниот сектор, граѓаните, локалната самоуправа во насока на подигање на сообраќајната култура. Ние ќе го спроведеме и основното барање за поставување на цврсти препреки, хоризонтална и вертикална сигнализација. Очигледно дека сите овие сообраќајни незгоди не се резултат на сигнализацијата, туку се резултат на непочитување на сообраќајните правила - изјави Дамјановски.
Децата биле прегазени додека се движеле по тротоар, а поради сериозноста на повредите префрлени се на лекување во Клинички центар во Скопје.
Револтирани од немилиот настан, жителите на Долно Којанер денеска еден час го блокираа регионалниот пат и побараа да се постават препреки на патот што ќе оневозможат брзо возење.
Дамјановски рече дека во изминативе 4 години, во два наврати локалната самоуправа поставила голем број на еластични препреки на повеќе локации, но од тешките возила тие брзо се оштетуваат.
Тој апелираше до министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска да преземе соодветни мерки и почести контроли во сообраќајот.
Изјавата дека нема доволен број на луѓе за да се прават контроли на сообраќајници не е оправдување ако знаеме дека 100 луѓе се примени пред месец дена во МВР. - додава градоначалникот.