Деликвентите да се вклучат во младинска работа и волонтерство
Од невладината организација Центар за меѓукултурен дијалог денеска на прес - конференција кажаа дека планираат до 1 октомври да аплицираат до Националната агенција со проект кој на младите престапници ќе им овозможи волонтерска работа.
На ваков начин младите деликвенти кои направиле поситни прекршоци за еден месец во странство ќе се ресоцијализираат и ќе стекнат работни навики.
Зошто волонтерството е добра алатка за инклузија? Затоа што преку волонтирање и преку добро организирани програми младите кои се престапници, корисници на програмите на Центрите за социјална работа, младите деликвенти, посебно лицата кои се во малолетничките затвори кои што излегуваат, со волонтирање во странство можат да се ресоцијализираат. Направивме обука каде што имаше 12 учесници од 12 земји и еден од главните резултати беше дека ваквите процеси помагаат - вели Стефан Маневски, координатор на обуката.
Во Куманово месецов се дојдени 13 волонтери престапници од Белгија и тие се ангажирани на уредување на Младинскиот центар “Мулти - Култи“.
Самиот проект има за цел преку физичка работа да им се покаже како можат да го искористат времето и да ги развијат другите способности. Како финален продукт ќе биде редизајнирање на надворешниот изглед на Младинскиот центар. Од она што го видов јас од нив сум презадоволна. Самата позитивна енергија е видлива. Веќе се при крај и работата ја завршија предвреме - рече Викторија Маневска, координатор за ИВС програма.
Утре во 19 часот ќе биде презентирано она што волонтерите го сработија, односно му дадоа нов лик на Младинскиот центар “Мулти - Култи“.