Денес е првиот уписен рок за бруцоши на факултети
Денес и утре е првиот рок за запишување во прва година за студиската 2011/2012 година на петте државни универзитети во Македонија. Има слободни 30.011 места, од кои 17.447 за редовни студенти во државната квота, 8.453 места во квотата за редовни студенти со кофинансирање на студиите и 4.111 места за вонредни студенти.
Студиите во државна квота чинат 200 евра годишно, а дисперзираните студиски програми за сите редовни студенти изнесува 100 евра. Партиципацијата во квотата за кофинансирање е унифицирана и на сите факултети е 400 евра годишно.
Главен критериум за селекција на кандидатите е успехот постигнат во средно образование, според кој може да освојат најмногу 100 поени – општиот успех по сите предмети учествува со 60 отсто, а успехот постигнат на државната матура со максимум 40 проценти.
Вториот уписен рок е на 1-ви и 2 септември. На факултетите каде што ќе останат слободни места ќе има и трет уписен рок - на 15 септември, кога ќе почне и новата академска година.