Мени

Денеска е Денот на бабите

28.03.2013 14:59 | KumanovoNews

 На денешен ден во 1987 година е воспоставено празнувањето на Денот на бабите во Франција. Кај нас многу малку луѓе знаат за одбележувњето на овој празник.

Денеска е Денот на бабите

Прашавме неколку баби сместени во Домот за стари лица “Зафир Сајто“, колку е важна нивната улога на бабата во семејството, колку тие придонесуваат во грижата, воспитувањето, чувањето на внуците.

Драгана Тасевска

Јас сум баба на пет внуци. Тие се богатство за бабите. Моите се сега тинејџери, разлика се по две години. Ги учам да ги слушаат родителите. Внукот живее во Куманово, ме зема со автомобил, ме носи на гости и ме враќа. Се гордеам многу, успех е ако имаат добри оценки. Имам внука во Германија, многу учи, работи и по дома добро се снаоѓа. Таа сите ги почитува, иако е млада. А сега младите не се како нашите деца што беа некогаш.

Горица Серафимова

 На село кога бевме мали деца имавме баба. Нашите одеа да работат во поле во Мечкуевци, светиниколско, а бабата не чуваше. Бабата е многу важна во семејството. Ако е на нога, може да зготви и ручек. Секако младите имаат корист од бабите.

Мирјана Богоевска

Бабата е многу важна, но е запоставена од блиските што не е добро. Бабата има пензија, може да ги чува внучињата и да им го намали товарот на младите. Бабите се грижат за сите. Тие одат на пазар, готват, се грижат за домот. Оние што се активни го носат децата во школо. Бабите се дел од семејството затоа што ги одгледале своите деца, а тие потоа имаат деца. Бабите во овој свет се запоставени. Многу млади сакаат сами да живеат, да се чувствуваат како газди, да шетаат, а децата ќе ги остават некој трет да ги чува. Бабите ја изгубија улогата во денешницата.

Стојна Бошковска

 Бабата и дедото се важни секој од своја страна. Секој збор на бабата е од срце, не е лага, нема да му наштети никогаш на детето, туку ќе му придонесе и секогаш ќе го бара тој збор. Јас сум баба на три внуци, имам и правнуци. Ги советувам да бидат трпеливи, да почитуваат се, народот е различен, но треба да го гледаат како еден. Тие имаат комуникација и со помлади и со постари. Им велам секого да слушаат, а она што им се допаѓа да го прифатат. Тоа е лична одлука, а другото што не им се допаѓа како да не го слушнале.