Мени

Денот на Европа се прослави со музички хепенинг

09.05.2014 11:41 | KumanovoNews

Хепенинг за Денот на Европа денеска беше организиран на Градскиот плоштад од Европската делегација и Инфо точката при Општина Куманово.

Денот на Европа се прослави со музички хепенинг

Ученици од повеќе училишта и од градинката “Анѓел Шајче“ настапија со музички точки, а волонтери од ЦИД и ученици поставија штандови на кои ги промовираа европските вредности, земјите членки на ЕУ, мултиетничноста и друго.

На хепенингот говореше градоначалникот Зоран Дамјановски кој се наврати на создавањето на Европската Унија во 1950 година кога Франција и Германија склучиле договор за јаглен и челик со што се поставени основите за идната европска заедница.

  - Европската Унија тогаш имаше 18 членки, а сега има 28 членки со тенденција да ги интегрира сите европски земји во едно големо семејство. По тој повод локалната самоуправа 6-та година по ред прави манифестација во знак на Ден на Европа и она што се вика почитување на вредностите на европската заедница. Да бидеме дел од големото семејство на Европа. Македонија тоа го сака, тоа го може и се надевам дека во скоро време и ние ќе бидеме уште една ѕвезда во знамето на европската заедница - рече Дамјановски.

На овој ден во 1950 година Роберт Шуман го презентираше предлогот за создавање на организирана Европа, како опција за одржување на мирот на разурнатиот од војни и поделен континент. Предлогот познат како "Шуманова декларација", се смета за почеток на формирањето на она што го денес го знаеме како Европска унија.