Мени

Детонации од каменолом ги напукнаа куќите во Орашац?

13.12.2012 09:52 | KumanovoNews

 Жителите на село Орашац се жалат дека од каменоломот кој се наоѓа на 500 метри од селото, од силните детонации и минирања, ѕидовите на нивните куќи се испукани.

Детонации од каменолом ги напукнаа куќите во Орашац?

Тие пред две години се спротивставиле на отварањето на каменоломот свесни за последиците, но фирмата која експлоатира камен добила дозвола за легална работа. Мештаните велат дека тогаш им било ветено дека ќе се вади мермер, а минирања нема да има.

- Пред да почне да работи ние се буневме, недела дена сите одевме таму. Го опоменавме дека не треба така да работи, ова е село. Тој не се разбра, а ова е катастрофа. Ги молам надлежните ова да се запре. И црквата и гробиштата имаат оштетувања, иако црквата е стара со векови - вели Лена Маринчева.

Селаните жалат за новите куќи кои се скоро градени, а за старите велат дека нема да издржат уште неколку минирања и ќе се распаднат.

- Јас кога бев во состав на месната заедница баравме тоа да се спречи. Еве видовте куќите ни се испукани и ќе ни паднат. Ако продолжи ние ноќе ќе излеземе, ќе го ископаме патот и нема да му дозволиме да работи - рече Благоја Дилевски, жител на Орашац.

Комисија излегла на терен за да утврди колкава штета е причинета, но месното население се сомнева дека воопшто ќе добие некакво обештетување.

Каменот го експлоатира фирмата “Петрос“, а минирањата ги врши фирмата “Мак - дрил“.

- Има докази и записи, се е направено професионално. Тоа се стари куќи и сите се испукани. Се знае кај нас како се живее, крпено, доградувано. Нема куќа која не е испукана, а се бунат двајца, тројца луѓе. Ние минираме еднаш во два месеци. Од почетокот на годината сме минирале шест пати, а последен пат е употребено најмалку експлозив во однос на минатиот пат - објаснува Тони Алексовски, управител на “Мак - дрил“.

Тој вели дека се испочитувани сите прописи од нивна страна и дека се водело сметка за оддалеченоста на каменоломот од куќите.

Управителот на фирмата “Петрос“, Гордан Георгиев вели дека неколку луѓе од селото се вработени во каменоломот, а оние кои не успеале да се вработат сега се бунат неосновано. Тој додава дека пред две години кога се отварал каменоломот тие не се противеле, туку сега се бунат на неговото работење.

Од Секторот за инспекциски надзор во Куманово извршиле контрола на терен и констатирале дека во однос на заштитата на животна средина, фирмата ги има сите одобренија. Тие не можат да вршат проценка на штетата па затоа препорачуваат луѓето да бараат обештетување по судски пат.