Дезинформирани социјалци бараат пари од Општината
Над двеста социјалци деновиве поднеле барања до Општина Куманово за добивање на еднократна парична помош од 9000 денари, иако таа не им следува.
Фросина Трајковска од одделот за социјална заштита при Општина Куманово објаснува дека се работи за дезинформација која некој ја раширил меѓу граѓаните.
Раширена е дезинформација во Куманово дека општината доделува по 9000 денари на секој подносител на барање за еднократна парична помош, доколку исполнува еден услов и тоа е примање на социјална помош по основ на невработеност или материјална необезбеденост. Тоа е неточно, и граѓаните се во заблуда. Граѓаните убедени дека имаат право на такво нешто поднесуваат барања, вадат документи, трошат пари, чекаат ред. На нашето известување дека тоа е неточно, многу малку се предомислуваат и си одат - вели Трајковска.
Таа објаснува дека на сите социјалци кои побарале еднократна парична помош писмено ќе им биде одговорено дека такво нешто не им следува.
Само со одлука на општинскиот совет, социјалците при инвалидитет, болест, хируршки зафат, елементарна непогода и слично, можат да добијат еднократна парична помош од локалната самоуправа.