Димитровска: Лицата со посебни потреби се вредни и трудољубиви
Родителите на лицата со физичка попреченост, бараат нивните деца откако ќе го завршат образованието, да бидат вработени во општинската или државна администрација, а не само како физички работници.
Благица Димитровска, претседател на здружението “Порака наша“, објаснува дека овие лица досега се вработувале во заштитни друштва, но смета дека и администрацијата и приватните фирми треба да создадат услови и да ги ангажираат.
Оваа категорија на луѓе се многу вредни, трудољубиви. Најпогодно е по 18 години да им се овозможи вработување, да имаат приходи и да не зависат од други. Државата дава бенефиции зависно колкав процент има во претпријатието лица со попреченост. За вработување на едно лице се исплаќаат 20 просечни плати, плус придонеси. Може работодавецот да повлече пари за адаптација на работен простор. Ако треба рампа, да се адаптира компјутер. Државата дала максимум бенефиции, само инспекциите треба да бидат ажурни и да не дозволат злоупотреби - категорична е Димитровска.
Таа додава дека некои претпријатија ги злоупотербуваат лицата со хендикеп.
Се случува овие лица фиктивно да бидат вработени. Или пак им се пушта цела плата на сметка, а потоа им ги земаат пола од парите. За злоупотреби кај нас се обраќаат, ние тоа можеме да го кажеме, но немоќни сме да реагираме - вели Димитровска.
Според неа на лицата со пречки во развојот им требаат обуки, пракса за да бидат поконкурентни на пазарот на трудот и да им се отворат можност за влез во државни и приватни фирми, а не само во заштитини друштва. Димитровска смета дека по примерот на западните општества и кај нас треба да се развиваат социјални претпријатија.