Мени

Дивите продавачи распослани на тротоарите во градот

28.11.2012 09:33 | KumanovoNews

 Зелка, праз, компири и друг зеленчук се продава на самата улица, без никаков проблем, на штета на легалните тезгаџии и ЈП “Пазаришта“.

Дивите продавачи распослани на тротоарите во градот

Нелегалните продавачи повторно ги узурпираат тротоарите пред Зелен пазар и на малото пазарче на булеварот Октомвриска револуција. Зелка, праз, компири и друг зеленчук се продава на самата улица, без никаков проблем, на штета на легалните тезгаџии и ЈП “Пазаришта“.

Трговците кои имаат тезги во пазарот, велат дека нелојалната конкуренција им го зема ќарот. Кажуваат дека акции за нивно отстранување повремено има, но откако ќе бидат избркани, утредента трговците пак се враќаат на старото место.

- Јас месечно плаќам по 50 евра за закуп на тезга. Тие не плаќаат ни тезга, ни паушал. Кога донесувам роба, нема кај автомобилот да го оставам, тие цел тротоар го зафатиле. Некои и по пет тезги имаат надвор. Тие повеќе заработуваат од нас, а ние зеленчукот го фрламе. Ова е катастрофа, никој не води сметка за ништо - вели Нада Милошевска од Младо Нагоричане.

И директорот на ЈП “Пазаришта“, Фадил Шабани потврдува дека дивите пазарџии му нанесуваат финансиска штета на претпријатието.

- Трговците ни плаќаат на нас за закуп на тезги, а ние на тие пари плаќаме ддв. Тие создаваат хаос, пречат во сообраќајот. Имаше привремени решенија, но трајна политика за овој проблем немаме. Треба континуирани акции, а не само ден - два. Формиравме координативно тело со секретарот на општината, инспекциите, но проблемот сеуште не кочи - рече Шабани.

Вера Лазаревска, раководител на секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово објаснува дека годинава се направени пет акции за отстранување на дивите трговци.

- Треба да интервенира полицијата за безбедност во сообраќајот. Секоја инспекција си има свои ингеренции, но треба заеднички да делуваме, пазарна, комунална инспекција, полиција, Агенција за храна и ветерина. Посебно во пазарни денови, четврток и недела е полно - додава Лазаревска.

Слична е состојбата кај спортска сала каде на диво земјоделци и трговци продаваат компири, зелка, праз. Досега се случувало тие да бидат опоменати, но ретко кој платил казна заради нелегално препродавање.