Дрвени клупи од стари стебла поставени во Стариот парк
Десетина клупи од стебла на стари дрвја поставени се во Стариот градски парк.
Клупите ги направија вработени во ЈП “Чистота и зеленило“, бидејќи металните клупи се скршени или украдени.
Клупите се од стебла на стари, суви дрвја кои се исечени од самиот градски парк. Убаво изгледаат, интересни се и можам да кажам дека многу паркови во светот се украсуваат со такви клупи. Мило ми е што го исполнивме ветувањето дадено на група граѓани кои се интересираат за овој парк - вели Благица Јовановска, раководител на техничко - технолошки сектор во ЈП “Чистота и зеленило“.
Граѓаните се задоволни што конечно добија клупи за починок во паркот.
Одлична е идејата да се постават клупи од стеблата на исечените дрвја. Ги користиме веќе неколку недели и навистина добро ни дојдоа на ова убаво време. Се надевам дека нема да ги украдат како предходните клупи затоа што се многу тешки, но никогаш не се знае.-вели еден од граѓаните.
Од Чистота велат дека и на Спомен Костурница ќе бидат поставени клупи направени од стебла на стари дрвја, а постоечките во Стариот градски парк ќе бидат обоени.