Мени

Дваесетина кученца се здомија

19.02.2011 17:01 | KumanovoNews

Граѓаните покажаа голем интерес за згрижување на кучиња скитници. На првата акција „Не купувај. Вдоми„! што денеска ја организираше Ветеринарниот центар Тодот Велков и невладината организација Центар за рурален развој Проевце, граѓаните речиси ги разграбаа дваесетината мали кученца.

Дваесетина кученца се здомија

Презадоволен сум од одзивот, бидејќи не очекував толку граѓани да дојдат. Многу ми е драго што овие малечки животни ќе бидат во семејства, затоа што се здрави и питоми и заслужуваат да живејат во хумани услови. Ова ни е потик да продолжиме со организирање на вакви акции секој месец - вели Димитар Велев, ветеринар во Тодор Велков.

Кучињата што денеска се здомени се собрани по градските улици. Најголем интерес покажаа децата, кои ги окупираа кафезите и со своите родители бираа домашно милениче. Во посебна процедура можеа да земат кученце само оние што се постаи од 20 години, а при тоа им се земаа личните податоци.

Кучиња им даваме само на луѓе за кои проценивме дека ќе се грижат за нив. Подоцна ќе проверуваме дали ги чуваат кучињата. Целта е кучињата да се чуваат, а не да се пуштат повторно на улица. Сите посвојувачи добиваат и ваучер со кој подоцна ќе можат бесплатно да ги вакцинираат, стерилизираат и кастрираат во Ветеринарната станица- вели Александра Давидовска од Центарот за рурален развој Проевце.

Покрај децата на Градскиот плоштад имаше и повозрасни граѓани кои сакаа да си земат кученце.Повеќето бараа машки кученца.

Одамна се сакам да земам куче за го чувам во дворот. Кога слушнав дека се организира ваква акција дојдов, и презадоволен сум од изборот. Овие кучиња не се од некоја раса со педигре, и не бараат посебен третман.Но сепак ќе се грижам за него како за дете-вели еден постар човек.

Граѓаните кои што денеска не дојдоа на акцијата „Не купувај. Вдоми„!,можат да отидат наредните денови во Ветеринарната станица, да ги видат кучињата и доколку некое им се допадне да го посвојат.