Мени

Две основни училишта ќе се реновираат со пари од УСАИД

30.12.2013 12:25 | KumanovoNews

Со 60.000 долари пари од УСАИД ќе се реновираат основните училишта “Браќа Миладиновци“ и “Бајрам Шабани“ во Куманово.

Две основни училишта ќе се реновираат со пари од УСАИД

Нов лик ќе добијат просториите на “Браќа Миладиновци“ кај Соколана, а во “Бајрам Шабани“ ќе се реновираат училниците во стариот дел. По тој повод во Општина Куманово денеска градоначалникот, претставник од УСАИД и директорите на училиштата потпишаа меморандум за соработка.

Благодарение на УСАИД имаме уште една донација во проектот мултиетничка интеграција во образованието. Проектот ќе се одвива во 2014 и 2015 година. Ќе има општ дел, и потоа ќе има реновирање на двете училишта. Имаме по 30.000 долари по училиште. Благодарам на УСАИД кој ги согледа проблемите во образованието во град Куманово и на овој начин ни помага за амбиентот и условите во образовниот циклус - изјави градоначалникот Зоран Дамјановски.

Од УСАИД нагласија дека овие две модел училишта се водело сметка да се реновирa она што е најнеопходно. Истиот начин на работа понатаму ќе може да се пренесе и на други училишта.

 Она што е најважно е дека овие две училишта ќе имаат партнерски однос, децата ќе соработуваат меѓу себе. Ќе се обидеме во Куманово кој е долгогодишен супер партнер на УСАИД да поставиме модел како треба училиштата да изгледаат - вели Небојша Мојсовски, раководител на проектот на УСАИД.

Марина Манојловска, директор на “Браќа Миладиновци“ смета дека во школото кај Соколана приоритет е замена на столарија и реновирање на тоалетите. Нејзиниот колега Заим Рушити објасни дека ќе се реновираат училници, спортска сала и стариот дел на “Бајрам Шабани“.