Фирмите да подготват пресметки за приходи исплатени лани
Во наредните три дена фирмите треба да им дадат пресметки за приходи на граѓаните исплатени во текот на 2012 година.
До 15 февруари задолжително граѓанинот треба да добие збирна пресметка за исплатените приходи по основ на: лични примања, авторски права и права од индустриска сопственост, капитал, имот и имотни права (закупнини), добивките од игри на среќа и други наградни игри или други приходи, како и платениот персонален данок и придонеси во 2012 година. Неиздавањето на ваква пресметка од страна на фирмите претставува прекршок, за кој законот предвидува глоба-информираат од УЈП.
Според последните податоци на УЈП, само 15.031 исплатувачи на приходи поднеле Годишен извештај за 2012, а се очекува оваа бројка до крајниот рок 15 февруари да достигне 70 илјади. Ова укажува дека фирмите сеуште ги извршуваат своите обврски во последните денови пред истекот на роковите.
Заради избегнување на метеж на шалтерите на УЈП, Годишен извештај може да се достави преку интернет. По електронски пат, годишен извештај досега доставиле 42 фирми.