Мени

Гимназијата одбележа 110 - години од смртта на патронот

04.05.2013 13:53 | KumanovoNews

Свежо цвеќе пред бистата на Гоце Делчев во дворот на кумановската гимназија, денеска положија делегации од општината на чело со градоначалникот, политичките партии, вработените во училиштето, борците, писателите, пензионерите, претставници од граѓанските здруженија, од јавните претпријатија и други.

Гимназијата одбележа 110 - години од смртта на патронот

Денеска се навршуваат 110 години од смртта на народниот херој Гоце Делчев кој загинал во селото Баница.

Уште еднаш гордо стоиме пред бистата на Гоце Делчев и денеска одбележуваме 110 години од неговата прерана смрт.  Да се зборува за ликот и делото на Гоце Делчев во исто време е голема чест и задоволство, но исто така и голема обврска. Посебно ми е драго што 68 години нашето училиште гордо го носи името на овој голем македонски револуционер. Неговото име е синоним за вековната борбата на македонскиот народ. За жал неговата генерација  немаше можност да ги слави благодетите кои што ние денеска ги уживаме, но верувам дека нашите ученици продолжуваат по неговите идеали и верувам дека светот го разбираат како поле за културен натпревар меѓу народите - рече Љубиша Николиќ, директор на Гимназија “Гоце Делчев“.

Гоце Делчев е роден во Кукуш на 4 февруари 1872  година, а загинал во Баница на 4 мај 1903 година. Беше македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.

По повод патрониот празник во училиштето деновиве беше отворена ликовна изложба, а имаше и литературно читање.