Голем одзив на крводарителската акција во полицијата
30 единици крв се собрани во првите два часа од почетокот на крводарителската акција во просториите на СВР Куманово.
Се очекува до завршувањето на акцијата да бидат собрани над 50 крвни единици што значи дека акцијата е успешна.
- Одзивот е многу голем. До 11 часот крв даруваа 30 крводарители и уште толку чекаат за да даруваат крв. Оваа акција ја оценуваме како успешна. Три пати во годината организираме крводарителски акции со полицијата и нашата соработка трае долги години - вели Лилјана Славковска, трансфузиолог.
Вработените од СВР Куманово редовно даруваат крв и сметаат дека тоа е еден хуман чин кој треба сите да го практикуваат.
- Три пати годишно давам крв и тоа е здраво за организмот. Им препорачувам на сите да даруваат крв. Се вклучувам на акциите кои ги прави полицијата, но и на други крводарителски акции - рече Игор Ивановиќ, виш инспектор во СВР Куманово.
Крводарителската акција се реализира во соработка со Црвен Крст Куманово.