Голема Богородица се славеше во Карпино
Со богослужба и народен собир вчера во манастирот Карпино во селото Сув Ора се прослави празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот познат како Голема Богородица.
Чествувањето започна во 9 часот, кога во дворот на црквата се одржа света литургија, продолжи со примопредавање на кумството и празнична трпеза, а заврши со оро и песна.
Секоја година се собираат верници од овој крај кои го слават големиот празник. Манастирот е секогаш отворен за посетителите, но особено ни е драго кога ова духовно светилиште во Козјачието е посетено на овој ден. Така жителите покажуваат дека ја почитуваат својата традиција, и им одваат почит на своите предци - вели свештеникот Јовче Цветановски.
Голем дел од посетителите во манастирот доаѓаат вечерта пред празникот и тука ја минуваат ноќта.Во манастирската трпезарија се подготвува храна, а може да се преспие во конаците. Најмногу доаѓаат жителите на соседните села Дренак, Руѓинце, Канарево, Аљинце и Облавце, но за разлика некогаш сега многу малку.
Некогаш овде не можеше да се помине од луѓе. Планината ечеше од музика и песна, а сега се` помалку има луѓе. Доаѓаат оние кои потекнуваат од овде, од носталгија, а гости од страна речиси нема. Јас идам затоа што се надевам дека ќе сретнам некој од луѓето со кои сум израснал. Но ако продолжи вака, веројатно и јас ќе престанам да доаѓам - разочарано вели Живко Богдановски, кој живее во Скопје, а потекнува од Сув Ора.
Еден од проблемите за запустеноста на овој верски објект е непристапниот пат. До манастирот нема организиран превоз, а може да се отиде само теренски возила џипови и трактори, или пешки. Оддалеченоста од центарот на селото до каде е асфалтитан патот е 4,5 километри.
Лошиот пат ги одвраќа посетителите. Не се луѓето како некогаш да имаат навика да одат пешки. Природата е убава, но младите не одат никаде ако не ја остават колата во дворот. Ако не се поправи патот местово целосно ќе замре, треба да се преземат нешто црквата и државата за да не останеме без уште едно значајно црковно светилиште и историски споменик -велат луѓето.
Општината Старо Нагоричане пред неколку години го проширила и посипала патот, но водата го однела, и останале само големите камења по угорницата. Таа е немоќна сама да обезбеди сретства да се асфалтира патот, па затоа од црквата се надеваат дека ќе помогне државата преку надлежните институции.
Во манастирот веќе 10 години се организира ликовна колонија под покровителство на здружението на граѓани Карпино.