Голомразица на патиштата на повисоките места
Сообраќајот на сите патишта во земјава се одвива по влажни коловози и наместа со остатоци од снег.
Поради ниските температури во текот на ноќта можна е и појава на голомразица на повисоките и осојничави места, како и на мостовите. Поради силниот ветар, на одделни места можни се наноси на коловозите. АМСМ препорачува внимателно управување со возилата и почитување на поставената патна и сообраќајна сигнализација и на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово - Велес, Маврово - Дебар - Струга, Демир Капија - Удово, Кочани - Делчево и Берово - Виница, каде е можна почеста појава на одрони.
Укината е забраната за движење на тешки товарни возила на патниот правец Крива Паланка - Деве Баир и сообраќајот е нормализиран, но задолжително е користење на зимска опрема.
Во 7.30 часот укината е забраната за движење на тешки товарни возила на планинскиот премин Плетвар.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.