Мени

Граѓани од Јужна Србија редовни муштерии во Куманово

07.12.2012 09:48 | KumanovoNews

 Граѓаните од Јужна Србија доаѓаат во Куманово за да купат евтини сувомеснати производи, обувки и облека.

Граѓани од Јужна Србија редовни муштерии во Куманово

Во повеќето дуќани во градот потврдуваат дека граѓани од Бујановац, Врање, Прешево често доаѓаат во градот и пазаруваат во големи количини.

- Од Лесковац и сите поблиски градови имаме муштерии. Тие ги купуваат по поевтина цена производите кои се проиведуваат во нивната држава. Највеќе се троши печеница, живо месо, колбаси, риба, сирење. Купуваат големи количини иако се тоа индивидуалци, не се трговци. Основна причина зошто доаѓаат тука е тоа што кај нив е поскапо. Се распрашуваат каде има дисконти, поголеми маркети бидејќи си имаат испланирано колку ќе потрошат - вели продавачка во еден маркет.

Во месарниците објаснуваат дека српските државјани најчесто купуваат кај нас кога се враќаат од Грција или кога им е слава. Тогаш најмногу се заинтересирани за сувомеснати производи и месо.

Освен прехранбени продукти, доста се купува гардероба, обувки, па дури и венчаници.

- Порано оваа појава беше помасовна, сега е малку послабо. Доаѓаат од Врање, Бујановац фамилијарно и купуваат облека. Точно ги знаат дуќаните кој каде е лоциран. Не прашуваат за одредни чевларски фирми, дуќани каде се наоѓаат, а ги привлекуваат поволните цени - рече Бобан Вељковиќ, сопственик на бутик “Хепенинг“.

Повратен билет на релација Врање - Куманово е околу 8 евра, а за поблиските релации како што се Прешево и Бујановац цената е пониска. На овие патни правци има фреквенција и редовни линии.