Граѓаните бараат социјални станови
Граѓаните во рамки на “Отворен ден“ денеска го посетија подрачното Друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор и најголем дел од нив се интересирале за изградба на социјални и станови за граѓани со ниски примања.
Во првите два часа просториите на друштвото ги посетиле дваесет граѓани кои прашувале за идните проекти.
Се интересираат дали ќе има во иднина изградба на комерцијален и станбен деловен простор. Под оваа подружница се градовите Крива Паланка и Кратово. Се споделија информации околу тоа дека ние имаме надлежност за стопанисување со станбениот и деловен простор кој е сопственост на Република Македонија. Беше објаснето дека ние како институција соработуваме со Владата и Министерството за транспорт и врски, со комисијата за станбени прашања при министерството - рече Гоце Кузмановски, раководител на Друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.
Кузмановски кажа дека во Крива Паланка има станбена зграда со 46 стана за граѓани со ниски приходи и дел од нив веќе се издадени, а во Кратово има 40 социјални станови во кои се вселени станарите. Во Куманово социјални станови засега нема, но доколку Владата донесе одлука ќе бидат изградени.