Граѓаните да поднесат пријава за данок на имот
Од даночното одделение во Општина Куманово ги повикуваат граѓаните да поднесат пријави за утврдување данок на имот за 2013 година и да поднесат пријава за утврдување комунална такса за деловни простории.
Даночни пријави за утврдување данок на имот треба да поднесат граѓаните кои во 2012 почнале да користат или стекнале имот. Истото важи за имотот кај кој дошло до отуѓување или промена на сопственоста, доградба на куќа или проширување. Оние кои од 1994 до 2012 година не поднесувале даночни пријави за утврдување на данок на имот сега треба да поднесат документи. Даночните пријави треба да се поднесат во Општина Куманово во одделението за администрирање на приходи најдоцна до 31 месецов- се вели во соопштението.
Граѓаните кои поднесувале пријави од 1994 до 2012 година и кај кои нема промена на вредноста на имотот се ослободени од оваа обврска. Оние кои нема да го испочитуваат рокот ќе се соочат со парични казни.
Сопствениците на деловен простор треба да поднесат пријава за комунална такса доколку досега не поднесувале или доколку во меѓувреме има промени.