Граѓаните ги полнат сандачињата за “Пофалби и поплаки“
Во повеќето институции во градот поставени се сандачиња за пофалби и поплаки, во кои граѓаните можат да остават свое мисење за услугите и ажурноста на вработените.
Од општина Куманово велат дека во централната општинска зграда месечно добиваат по 20 - тина пораки од граѓаните.
Пораките се разгледуваат од страна на секторот до кој се доставени и потоа по нив се постапува или се укажува таму каде што има пропусти или пофалби. Поплаки и пофалби од граѓаните стигнуваат и по пошта или на нашата официјална имејл адреса, - вели Бисера Благојевиќ, портпарол на општина Куманово.
Во Центар за вработување Куманово објаснуваат дека сандачињата за пофалби и поплаки се поставени од централата во Скопје и секое тромесечје тие ги отвараат и ги разгледуваат критиките и сугестиите.
- Граѓаните практикуваат да оставаат ливчиња во сандачето и за три месеци се собираат од 10 до 20. Имало и критики и пофалби до одредени сектори. Целта е да се види реакцијата на граѓаните, позитивна или негативна, - рече Милорад Тренчевски, директор на Центар за вработување Куманово.
Од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството велат дека од пред неколку месеци и тие имаат сандаче и кај нив во просек месечно има по 20 пораки.
- Поплаки има ако доцнат субвенции и воопшто за други работи кои им пречат можат да се пожалат. Им даваме ливче со прашања за тоа колку се задоволни и можат да не оценат од 1 до 5. Ние секогаш сме тука да им помогнеме и да ги упатиме, да ги насочиме на вистинското место - рекоа од агенцијата.