Граѓаните ја игнорираат петицијата за автобуската станица
Слаба е подршката на граѓаните на петицијата за реновирање на автобуската станица во Куманово.
Пред дваесетина дена Ивана Јордановска, студент на политички науки во Париз и активист во невладиниот сектор, покрена иницијатива за поубава автобуска станица, но одзивот на граѓаните е мал.
Собрани се околу 1000 потписи, а за предлогот да се достави пред општинските советници потребни се 12.000 потписи.
- Доколку најдам слободно време и отидам лично пред автобуската станица да собирам потписи, таа бројка ќе биде поголема. На луѓето најверојнатно им пречи тоа што мора на петицијата да стои нивното име и презиме. И вработените од “Југ - турист“ на почеток беа против, но кога видоа за што се работи и тие ја поддржаа идејата. Не ни треба некој огромен простор, но бараме како во другите градови да има електронско издавање на билети, електронска наплата, уредна чекална - вели Јордановска.
Таа не се откажува од петицијата се до собирањето на 12.000 потписи.
Автобуската станица во Куманово не е реновирана четири децении, и претставува грдотија и срам за градот.