Градоначалникот ги прими младенците од Пијанечко - малешевска свдба
Градоначалникот Зоран Дамјановски денеска во општината ги прими младенците од Пијанечко - малешевската свабда, сватовите и претставниците од Општина Делчево.
Невестата, младоженецот и сватовите беа облечени во традиционални носии. Присутните објаснија дел од обичаите поврзани со оваа свадба.
Пресреќен сум, јас ја претставувам малешевската страна. Има различни носии, обичаи и оваа свадба ја посветувам на таткото на невестата. Тој многу сакаше да имаме ваква свадба - рече Аце Трајановски, младоженец.
Невестата Фросина Митевска вели дека преку оваа свадба ќе заживеат обичаите кои се заборавени. Таа објаснува дека заедно со гостите, на нивната свадба која продолжува утре ќе присуствуваат и играорци од различни земји како дел од манифестацијата „Делчево 2013“ и бројот на присутни на свадбата ќе биде околу 1000.
Утре е големата свадба, големото дефиле во Делчево. Денеска ние во Куманово ги покажавме кумановските ора и песни, а утре во Делчево ќе видиме како тие ќе се покажат. Различно е влегувањето кај невестата. Да не се заборави, чест ми е што сум облечена во носија, не е во бело со велови. Токму вака ја замислував мојата свадба. Ќе има играорци од Германија, Србија, Бугарија, ќе ни направат оро за гинис - вели Фросина Митевска, невеста.
На младенците градоначалникот им посака среќен брак, здравје, среќа и многу деца.
Македонија во изминатата декада ја зголеми туристичката понуда од етно туризмот. И оваа свадба како и низа други манифестации од обичаите и етнологијата на Македонија ја збогатува оваа понуда. Ние како североисточен регион тежнееме кон руралниот туризам, и се што е добро и може да придонесе за развој треба да се поддржи. Куманово тоа го поддржува како општина која има тенденција да ги помага и другите општини - изјави Дамјановски.
Ова е 7 - ма по ред Пијанечко - малешевска свадба која е поддржана од Министерството за култура, а оваа година во организацискиот дел помогнаа општините Куманово и Делчево.
Настанот е збогатен со учество на игароци од двете друштва „Панче Пешев“ и „Гоце Делчев“.