Градоначалникот подели пакетчиња на децата со посебни потреби
Во Центарот за деца со посебни потреби кај Чик и во Дневниот центар “Порака наша“ градоначалникот Зоран Дамјановски денеска подели новогодишни пакетчиња на децата, а на вработените ги честиташе престојните празници.
Мене ми е посебно драго што овие луѓе кои работат тука, со помош на локалната самоуправа прават многу проекти, за интегрирање на овие лица со интелектуална попреченост, да се вклучат и социјализираат во нашето општество. Новиот проект кој го прави оваа установа, заедно со локалната самоуправа за професионално оспособување на деца со посебни потреби за да бидат интегрирани во општеството да можеме да го имплементираме Законот за лица со посебни потреби. “Порака наша“ е институција финансирана од локалната самоуправа за деца со посебни потреби над 18 години. Планирани се средства од околу милион денари за наредната година. Со ребалансите секогаш успеваме нешто да дополниме за овие луѓе - кажа Дамјановски.
Тој рече дека и во оваа тешка година за земјата и Општината, не ги заборавиле лицата со посебни потреби. Дамјановски потенцираше дека денешните активности се дел од програмата на Општината за одбележување на новогодишните и божиќните празници.
Психологот Ивица Благојевиќ се заблагодари за соработката со локалната самоуправа и кажа дека имаат 22 редовни корисника , плус уште неколку лица кои повремено доаѓаат во Центарот за деца со посебни потреби.