Градоначаникот подели пакетчиња на детското одделение
Градоначалникот Зоран Дамјановски го посети детското одделение во Општа болница Куманово и на триесетина деца им подели новогодишни пакетчиња.
Тоа е традиционално секоја година, повеќе од десетина години во пресрет на Новата година ги посетуваме сите категории за кои се грижиме. Тоа се деца без родители, социјалните случаи, болниците и тоа е доказ дека се грижиме за најзагрозените групи. На 1 јануари на првото новородено дете ќе му се додели златник. Таа агенда е секоја година за да покажеме чувство на грижа - изјави Дамјановски.
Од детското одделение објаснија дека примаат пациенти од пет општини , односно покриваат подрачје со 200.000 жители и секогаш имаат деца на одделението.
Сите посериозно болни доаѓаат на секундарна или евентуално на терцијална заштита. Благодарност до Општината, секоја година доаѓа градоначаникот и ги радува децата кои се болни и мораат за празници да бидат тука - вели Снежана Станковиќ, началник на детско одделение.
Дедо Мраз на деца им подели подароци, а градоначалникот им ја честиташе Новата година со желби за здравје, среќа, успех.