Хепенинг за здравјето на Градскиот плоштад
Учениците од здравствената струка од средното училиште “Наце Буѓони“, по повод Светскиот ден на здравјето денеска на Градскиот плоштад мереа притисок и шеќер во крв на граѓаните.
Истовремено на граѓаните им делеа флаери за тоа како превентивно да се заштитат од одредени болести. Точно напладне тие заедно со основците, средношколците од другите училишта и граѓаните се упатија кон Градскиот кеј каде имаше спортски активности и музички точки.
Здравјето е поврзано со движењето и затоа групата од плоштадот се замина на кејот. Пораката е граѓаните што повеќе да се грижат и да го негуваат своето здравје и да практикуваат вежби како составен дел од нашето секојдневие - рече Ленче Ѓоршевска Анѓеловиќ, професор по здравствена струка предмети во “Наце Буѓони“.
Денешните активности се реализираа со средства од фондот “Градиме мостови“, а беа вклучени ученици од македонските и албанските паралелки.
Учениците преку спортски активности ќе пратат порака за здраво живеење. Ние и претходните години го одбележувавме Светскиот ден на здравјето, но оваа година програмата е побогата. Ова ни е прв проект од фондот “Градиме мостови“, но се надевам дека ќе имаме и понатаму - изјави Лидија Илијевска, социолог во училиштето.
Фондот “Градиме мостови“ е заеднички проект на Министерството за образование, ОБСЕ и Амбасадата на Швајцарија.