Инспекциски надзор за лични податоци во три училишта
Контролори од Дирекција за заштита на лични податоци во септември ќе извршат инспекциски надзор во средните училишта “Гоце Делчев“, “Сами Фрашери“ и “Киро Бурназ“ во Куманово.
При тоа ќе бидат прегледани збирките со лични податоци на вработените, учениците и видео надзорот во училиштата за да се види дали се е согласно законските прописи.
- Законот за заштита на личните податоци предвидува дека видео надзор во деловните или службени простории може да се врши само на оној простор на кој е потребно, заради заштита на сопственоста, животот или здравјето на луѓето или вработените поради природата на нивната работа и обезбедување на контрола над влегувањето и излегувањето од службените простории. Тоа значи дека видео надзор може да се врши и додека вработените се во работните простории и истите може да бидат снимани, но само ако се процени дека на тој простор е тоа навистина неопходно за исполнување на претходно наведените законски цели и не постојат други начини да се исполнат тие цели - информираат од дирекцијата.
Онаму каде има видео надзор треба да има и писмено известување за истиот.
Од наредната учебна година во скопските училишта ќе се спроведува “Час по приватност“, а планирано е понатаму проектот да се реализира и во другите училишта низ Македонија.