Интеркултурна свадба во ОУ “11 Октомври„
Учениците од основното училиште „11 Октомври„, денеска изведоа интеркултурна свадба, при тоа прикажувајќи ги обичаите на македонската, српската и ромската свадба.
Присутните ги видоа ората и народните свадбарски песни, кои трите заедници ги играат на свадба, начинот на кој се облечени и изнесувањето на невестата.
Освен интеркултурниот театар без говор, во холот може да се видат изработките, глинените садови кои ги изработија учениците, наставниците, родителите.Креативните и вешти раце наликаа мурал на ѕидовите со површина од 28 метри квадратни и го разубавија тоа катче. Направија средина за убаво дружење. Родителите заедно со учениците на креативни работилници изработија накит со симболи на ромска, српска и македонска заедница. Тие направија и брошура, имаа истражувачка работа и посетија повеќе места, црква, џамија, музеј, невладина организација и библиотека. Истражуваа од областа на уметноста, историјата, литературата - вели Мерилин Стојчевска, директорка на училиштето.
Брошурите им беа поделени на гостите кои денеска го посетија училиштето, а беа презентирани активностите кои се подготвувани последниве два месеци.
Овие активности се дел од проектот “Разликите зближуваат“. Проектот е поддржан од УСАИД и Фондацијата Отворено општество Македонија.