Мени

Интронизација на владиката кумановско-осоговски Јосиф

10.11.2013 11:58 | KumanovoNews

Со света божествена Архиерејска литургија, во соборниот храм Свети Никол во Куманово се изврши интронизацијата на новиот владика Јосиф Лешочки.

Интронизација на владиката кумановско-осоговски Јосиф

Со интронизацијата чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан во сослужение на членови на Светиот архиерејски Синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Денес те востоличуваме во тронот на новоформираната Кумановско-осоговска митрополија, и изборот и поставувањето за архиереј во црквата христова пред се подразбира служење на бога и на доверениот народ. Од тебе како млад архиереј очекуваме да продолжиш таму каде што предходниците застанале. Оваа кумановско-осоговска, како и тетовски-гостиварската, по територија е мала но епархија, со многу светињи и богоугодници. Погрижи се да се зачуваат и обноват старите храмови, цркви и манастири, а гради нови каде што ќе има потреба. Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане и Св. Јоаким Осоговски, како и манстирите во Матејче и Карпино, Псача и други, се ремек дела во православното црковно сликарство и архитектура. Но најмногу погрижи се за верата, духовната надградба на доверениот народ. Образованието на верата и денес е насушна потреба и тоа не смо во нејзиниот свод и двор. Потребно е и на современиот човек да му се даде можност да се запознае и да ги вкуси духовните вредности и плодови на многувековната православна традиција и живот. Луѓето не ги разликувај и не ги дели по ништо освен по тоа колку го носат Христа во себе. Имај разбирање за друговерните и доколку зависи од тебе, живеј во мир и негувај потребна комуникација со нивните заедници.- порача архиепископот Стефан.

Владиката Јосиф доаѓа од манастирот Калишта во Струга, а назначен е да ја води новата Кумановско-осоговска по смртта на владиката Кирил, кој 40 години беше на чело на Полошко - куманоската епархија.

Мојата мисија ќе биде проповедање на црковните морални идеали и нивна примена во современиот живот, како и постојано сведочење за вистината и убавината на православието и негово зачувување во неговиот личен, семеен и општествен живот на секој човек. Особено ќе и се посветам на младината на која најмногу и треба духовно раководење, вклучување во сите пори на црковниот живот. Повремената морална декаденција, различните пропаганди за условна слобода во однесувањето, ги уништуваат душите на многумина, и ние не смееме да чекаме младината сама да се обрати и да го најде Христа. Должни сме да им помогнеме изгубените да се најдат, истераните да се врата, како што вели пророкот. Да ги упатиме да ја најдат вистинската вера во Бога, и да ја откријат смислата на животот. За таа цел ќе ги употребиме сите сретства што ни ги нуди денешниот техничко-технолошки развој-  рече владиката Јосиф во обраќањето до присутните.

На интронизацијата присуствуваа градоначалниците на Куманово, Крива Паланка, Ранковце и Старо Нагоричане, како и голе број верници и граѓани.