Италијанскиот амбасадор го посети ОУ “Браќа Миладиновци“
Амбасадорот на Италија во Република Македонија, Фабио Кристиани денеска го посети основното училиште “Браќа Миладиновци“, каде се сретна со директорката, наставниците и учениците.
Децата зборуваа за убавините на Италија, местата кои ги посетиле, и причините зошто го сакаат италијанскиот јазик.
Овде сум затоа што ова е многу важно училиште, се изучува италијанскиот јазик, децата брзо напредуваат што навистина ми е драго. Потоа ќе одиме во друго училиште. Италијанскиот јазик се учи во многу македонски училишта, се шири постојано. Исто има голем интерес за посета на Италија како туристичка дестинација - вели Кристиани.
Од ОУ“Браќа Миладиновци“ објаснуваат дека амбасадорот им дошол на гости за да им укаже чест бидејќи се прво основно училиште во земјава кое го воведе италијанскиот јазик во наставата.
Со оглед на тоа дека имаме огромен број на ученици, преку 300 кои го изучуваат италијанскиот како втор странски јазик за нив е тоа од огромна важност. Затоа амбасадорот лично е дојден, да направи разговор со учениците, со професорите и да види во која насока можат понатаму да ни помагаат во изучување на италијанскиот јазик - рече Елизабета Костадиновска Костиќ, професор по италијански јазик.
Амбасадорот по посетата на ова училиште замина во Гимназијата “Гоце Делчев“ каде исто така се изучува италијанскиот јазик.