Каде исчезнаа автомобилите ?
Забележувате ли дека од паркинзите и улиците во строгиот центар на градот исчезнаа автомобилите? Небаре со волшебно стапче ги снема, или со метла се почистени.
„Ги снема и сега се таму кај што им е местото, во дворовите, во гаражите или на приватните паркиралишта пред станбените згради„ - коментираат граѓаните кои се на страната на одлуката на Советот на општината да се наплатува такса за паркирање, или да се ангажира ,,пајакот‘‘ за непрописно паркираните возила.
Се случило ли некогаш порано, особено во летниот период да најдете паркинг место во градот и слободно да се движите по тротоарите? Деновиве просто не можеме да веруваме дека конечно добивме една од основните придобивки на урбаното и цивилизирано живеење.
Одлуката за наплата на паркинг место предизвика бура негодувања на опозицијата на последната седница на Советот на општината и општа осуда кон секое решение или идеја што доаѓа од кабинетите на локалната власт. Да се плаќа паркирањето на јавните паркиралишта и да се санкционираат недисциплинираните и несовесни возачи кои тротоарите и другите јавно-прометни површини ги узурпираат за своите лични интереси (небаре од дедо им се оставени во владение) од разбирливи причини (собирање политички поени) априори наидува на отпор кај локалната опозиција и кај дел од граѓаните кои како по инерција се ,,против‘‘ се‘ што доаѓа од власта, локална или централна.
Сепак ако непристрасно се анализира состојбата во случајов, мнозинството граѓани ја поздравуваат одлуката за средување или ублажување на хаосот во сообраќајот во Куманово, вклучително и на последнава за таксата за паркирање. Добро е што првиот човек на ЈП ,,Куманово паркинг‘‘ уште по првите нервозни реакции на противниците на одлуката излезе со контрареакција дека во Куманово не се случува ништо што го нема во другите градови во земјава. Се случува тоа што граѓаните упорно и со право го бараат: да се стави ред во сообраќајниот хаос. Може во врска со одлуката да се дискутира само околу висината на цената за паркирање, што евентуално како потреба ќе ја наметне праксата во одреден временски период. Ни Уставот ни законите, во крајна линија не се Свето писмо та да не се менуваат а камо ли една одлука на една локална власт. Инаку, пожелно би било добронамерни поединци или групи во натамошните приватни или јавни размислувања по ова прашање да посочуваат решенија за висината на цените за паркирање, но за поголем ред и на паркиралиштата надвор од строгиот центар на градот.