Костените поскапи од лани
На зелените пазари во градот костените се продаваат по 120 денари за килограм, што е поскапо од лани кога еден килограм беше под 100 денари.
Трговците велат дека пред Божиќ продажбата се зголемила и граѓаните во просек купуваат по два килограми костени за претстојниот празник.
Не штедат, туку купуваат онолку колку што им требаат. Цената нема да се намали до празникот, туку напротив може да се зголеми. Мислам дека ги нема доволно и затоа се скапи. Лани костените беа поефтини и се продаваа за 90 денари, а потоа паднаа на 50 денари - вели Весна Ранѓеловиќ, трговец.
Другите продавачи објаснуваат дека дневно продаваат и по 150 килограми костени.
Утре ќе се продадат можеби и 200 килограми, бидејќи сите купуваат ден пред Бадник и Божиќ. Оваа година за нас е далеку подобра од лани бидејќи тогаш продажбата беше катастрофално лоша. Ни останаа костени по празникот и ги продававме по пола цена - рече Сашо Стојановски, продавач.
Скапи или не, на бадниковата трпеза мора да има костени, категорични се граѓаните.
Така останало од старите, таков е адетот. Купив само еден килограм и доволно ќе ми бидат. Во моето маало нема коледари, не поминуваат - кажа Мирјана Младеновска.
На трпезата за Бадник и Божиќ традиционално неизбежни ќе бидат посното гравче, риба, ореви, костени, јаболка, суво овошје и друго.