Крводарителска акција во чест на Александар Ковачевски
Во клубот “Христијан Тодоровски - Карпош“, денеска се организираше крводарителска акција во чест на покојниот член и основач на Здружението на армиски и полициски ветерани, Александар Ковачевски.
Од семејството на Ковачевски изразуваат голема благодарност, бидејќи со еден ваков чин му оддаваат почит на нивниот татко и сопруг.
Многу сум изненадена што Здружението на армиски и полициски ветерани од Куманово заедно со Црвен Крст постхумно организира една ваква крводарителска акција. Многу ми е важно и многу ми значи, бидејќи со тоа покажаа почит кон мојот татко. Сакам да се заблагодарам на сите крводарители, членови на здружението кои што денеска ќе дадат капка крв за спасување на нечиј живот - вели Јасмина Ковачевска, ќерка на Александар Ковачевски.
Бошко Христов, потпретседател на здружението објаснува дека оваа крводарителска акција во иднина ќе биде традиционална.
Секоја година ќе се спомене човекот кој беше носител на неколку функции во ова здружение, една пријатна личност која остави многу зад себе и на тој начин ќе му се оддолжиме. Повикани се наши членови, припадници на армијата и на СВР Куманово да даруваат крв - додава Христов.
Сите учесници на денешната крводарителска акција ќе добијат благодарници за својата хуманост.