Кумани извисија за натпреварите во Литванија
Навивачите требало да бидат дел од патниците за кои сретства обезбеди Владата, а списокот кој ќе патува во Литванија го правле во полициската станица Куманово
Десет членови на навивачката група „Кумани„, вчера наместо да отпатуваат на полуфиналниот натпревар Македонија-Шпанија, по осум часовно чекање на Скопскиот аеродром се вратиле дома. Изманипулирани и револтирани, навивачите кажуваат дека вчера ги испратиле сите патници за Литванија, но за нив немало место ниту во еден од авионите. Наместо да ги бодрат нашите херои, тие понижени и револтирани си ги собрале торбите и пасошите, и едвај стигнале натпреварот да го проследат во Куманово.
Во четврток навечер се јавија од кумановската полиција, и ни рекоа дека прават списоци, група навивачи од Куманово да замине за Литванија. Списокот беше уредно направен и ние утрината заминавме на аеродромот. Кога стигнавме таму, ни рекоа дека не има на списокот и дека ќе одиме со следниот авион. Но како времето одминуваше, и патниците пристигаа и влегуваа во авионите, а нас никој не не викаше, почна да ни станува сомнителна целата работа. Полицецот кој беше задолжен за спроведување ред ни забрани да се приближуваме до шалтерите и почна дрско да се однесува кон нас затоа што сме нестрпливи. Кога замина и последниот авион во 15 часот, не истераа без да ни објаснат што се случи и зошто не извисија- кажува еден од навивачите кој не сака да го открие својот идентитет.
Навивачите од Куманово се сомневаат дека на нивно место отишле луѓе од Скопје, додека тие и уште 20 навивачи од Тетово и Велес, биле излажани. Тие успејале дел од непријатната атмосфера и некоректното однесување на полициските службеници да го снимат со мобилен телефон, а снимката ја поставиле на Јутјуб.