Мени

Кумановци донираа за поплавените во Србија и БИХ

18.05.2014 11:19 | KumanovoNews

Кумановци денеска на Градскиот плоштад донираа храна, облека, средства за лична хигиена, вода за поплавените семејства во Србија и Босна и Херцеговина.

Кумановци донираа за поплавените во Србија и БИХ

Кон акцијата која е иницирана од група на социјалните мрежи се приклучија голем број хумани граѓани, компании, навивачи, мото клуб “Мечки“, “Коло на српските сестри“ и други. Помош на истата локација на штандови ќе се собира и наредните денови, а во четврток се планира истата да биде дистрибуирана до кризните подрачја.

Одзивот е очекуван бидејќи знаеме дека граѓаните на Куманово биле секогаш подготвени да помогнат во вакви немили ситуации. Ние сигурно уште два дена минимум ќе ја тераме акцијата за да имаме нормални рамки да се среди тоа што ќе се собере и да може да се класифицира, по што преку Црвениот Крст на Република Македонија ќе се испрати до Србија и БИХ. Мислам дека таа помош ќе биде потребна уште долго и ќе правиме собирни акции да можеме да помогнеме - изјави Иле Митковски, секретар на Црвен Крст Куманово.

Од координативното тело на групата “Куманово за Србија и БИХ“ велат дека се презадоволни од одзивот на граѓаните.

Гледајќи ги вестите во Србија и Босна што се случува не поттикна тоа нас со солидарност од нашиот град да помогнеме бидејќи Куманово е прв од солидарните градови во Македонија. Од одзивот сме презадоволни со тенденција за зголемување во попладневните часови бидејќи денеска е недела - рече Александар Крстевски од координативното тело  на групата “Куманово за Србија и БИХ“.

Граѓаните можат да донираат по 100 денари со јавување на броевите 070 143 400, 075 143 400 и 077 143 400.