Мени

Кумановци ги коси депресија?

06.02.2013 11:17 | KumanovoNews

 Поради семејни проблеми и безпарица, кумановци од сите возрасни групи се соочуваат со депресија.

Кумановци ги коси депресија?

Финансиската несигурност, брачните проблеми, смрт на близок роднина, болест се дел од причините кои доведуваат до појава на депресија. Ниту една возрасна група не е имуна на депресијата.

Од одделението за психијатрија во Општа болница Куманово велат дека кумановци имаат посебен темперамент и доста се издржливи, но последниве години има зголемен број на пациенти со панични рекации и агресивност.

Има агресивна компонента во однесувањето на сите граѓани. Има пораст на зависности, вклучувајќи употреба на цигари, алкохол и најнесаканата работа дрога. За депресијата, наследниот фактор има најголем удел, меѓутоа има луѓе кои се соочуваат со депресија главно од социјалното опкружување, немање на работа, беспарица. Тоа не се некои тешки болести, има причина од надворешен фактор. Главно состојбата во целата држава ни е таква и тоа може да доведе до таква приказна - изјави Ненад Николиќ, психијатар на нервното одделение во Општата болница Куманово.

Лекарите објаснуваат дека луѓето пред да побараат стручна помош, пијат антидепресиви на своја рака, а откако ќе се натрупаат проблемите бараат помош од стручни лица.

 Постојат повеќе причини зошто доаѓа до појава на психичко нарушување и депресија.Децата кои живеат во семејства каде често има кавги, запаѓаат во депресија, не сакаат да се дружат и покажуваат слаб успех на училиште. Старите луѓе се депресивни кога партнерот ќе им почине бидејќи се сами. Има и зимска депресија, која влијае на психата. Работохолиците се многу амбициозни, па поставуваат високи цели и кога нема да го постигнат очекуваното паѓаат во депресија. Луѓето имаат потреба од разговор, а немаат со кого да го споделат она што ги мачи. Сите си имаат свои проблеми и немаат време да ислушаат некого. Се стеснува кругот на пријатели, се отуѓуваат луѓето. Во главниот град има многу поголемо отуѓување  - вели психотерапевтот Лидија Манасиевска.

Лекарите предвидуваат дека до 2020 година депресијата ќе биде меѓу трите најраспространети болести во светот.