Кумановци не штедат во подготовките на Нова година
Иако сите се жалат дека е криза, по маркетите, бутиците и продавниците не може да се влезе од гужва.
Граѓаните сериозно се подготвуваат за новогодишните празници и не штедат при купување на храна, облека и подароци за Нова Година.
Трговците во маркетите велат дека најмногу се троши храна која традиционално се подготвува за новогодишните и божиќни празници.
Последниве денови има многу гужва, многу работа. Продажбата е двојно зголемена. Купуваат најмногу сувомеснати производи, пијалоци, овошје, мајонез и се друго што е потребно за новогодишна софра - објаснуваат од маркетите.
Од “Екстра меин“ велат дека продажбата е зголемена не само во однос на претходните месеци, туку и во однос на лани. Се продава буквално се од сувомеснати производи, велат тие.
Пред празниците кумановци се подновуваа и со нова гардероба и подароци.
- Купуваат свечена гардероба, фустани, кошули. Нормално е тоа бидејќи сме во такво празнично расположение. За оваа сезона модерна е црната боја, класика и некои комбинации со црвено. Се купува како и лани, има премногу избор. Се бираат и најразлични подароци, најчесто во црвената боја - вели продавачка во бутик.
Граѓаните велат дека за Нова година и Божиќ ќе го истенчат домашниот буџет.
За слатки, за овошје за Божиќ, за Нова година за дочек и за гардероба сигурно ќе потрошиме 150 евра. Ќе потрошиме повеќе пари. Не е ефтино, ама еднаш во годината е Нова година - кажа Сандра Велковска.
Од новогодишната ноќ не делат неколку часа и граѓаните се надеваат дека следната 2014 година ќе биде подобра од оваа што изминува.