Кумановци ретко одат на работа со велосипед
Куманово не е Њујорк, па да одиме со автомобил на работа. Возењето велосипед е добро за здравјето, а се заштедуваат и пари за градски превоз, велат луѓето кои го сакаат возењето на две тркала.
Во Куманово мал број на луѓе одат на работа со велосипед. Малкуте што можете да ги видите на улица наутро или по завршувањето на работното време, тешко се пробиваат во сообраќајниот хаос, но повеќето од нив велат дека тоа не им е проблеми, бидејќи возењето велосипед им претставува задоволство.
Доктор Валентина Џартовска повеќе од три години до инфективното одделение во Општата болница Куманово на работа оди со велосипед. За неа возењето велосипед е начин на живот и смета дека е апсурдно за релација од 2 км луѓето до работното место да се возат со автомобил.
Живеам блиску, но без разлика дали е блиску или далеку најбрзо се стига со велосипед. Кога ќе се создаде колона од возила, јас ги поминувам. За мене важи дека Куманово не е Њујорк, па да одат со автомобил или џип на работа. Тоа е глупост за мене. Јас за рекреација имам два други велосипеди, а со третиот одам на пазар и до работа. Тој си има корпа и е за пазарење. За викенди летоска одам на подолги релации до Кокино, Свети Николе, Павлешенци, а најдолга релација на која сум отишла со велосипед е Гевгелија. - вели докторката Џартовска.
И двајца вработени во Центарот за култура секојдневно до работа стигаат на велосипед. Тие велат дека велосипедот е многу практичен и добар за здравјето.
Додека имав автомобил доаѓав со него, сега немам и превозно средство ми е велосипед. Живеам зад болницата и подобро е од пешки. Имам четири велосипеди. Доаѓам со најновиот велосипед кој го добив на наградна игра. Има доста луѓе кои гледам дека одат на работа со велосипед- вели Јовица Цветковски, магационер во Центар за култура.
Неговиот колега Томче Здравковски од населбата Карпош само преку зима не го користи велосипедот, поради лошите временски услови. Тој вели дека возењето велосипед е здраво, а релацијата не е многу долга од дома до работа.
Ми се фаќа по 8 км дневно да поминам, тоа е добро за здравјето. За кондиција, за срце. Ќе заштедиме на пари бидејќи една карта автобуска е 20 денари. Ако одам од таму надолу стигам за 10 минути, а за назад ми треба дупло, 20 минути. Зимно време кога има снег не возам. Се на се тоа се некои 40 дена во годината. Јас сум бил во други градови, но во Куманово најмалку се вози велосипед. Во Војводина, најмногу се користи таму жени, деца, вработени и невработени сите се на велосипед. - објаснува Здравковски, сценски декоратер во Центарот за култура.
Тој смета дека кумановци возењето велосипед за до работа го доживуваат како нешто необично и малограѓанско, а не како потреба.