Кумановци се „кршат„ на заледените улици и тротоари
Вчера на хируршкото одделение во Општа болница Куманово побарале лекарска помош над 10 граѓани, а утрово дури 5 луѓе паднале и се здобиле со скршеници.
Над 15 кумановци се здобиле со скршеници по телото во последните два дена, откако паднале на заледените улица. Вчера на хируршкото одделение во Општа болница Куманово побарале лекарска помош над 10 граѓани, а утрово дури 5 луѓе паднале и се здобиле со скршеници.
Хирургот Борче Божиновски вели дека последниве два дена пациентите најчесто доаѓаат со скршеници на екстремитетите.
- Работата деновиве е стопроцентно зголемена. Вчера и денеска се примени најмалку 15 граѓани со фрактури на рака или нога. Двајца треба да се оперираат, а на другите им е ставено гипс и се пуштени дома. Имаме пациенти од сите возрасни групи, од градот и од околните села - додава Божиновски.
Од Брзата помош објаснуваат дека немаат зголемен обем на работа и дека кај нив се се одвива нормално.
- Постарите луѓе најверојатно седат дома, и немаме зголемен број на интервенции. Стандардно имаме по 10 или 15 посети дневно. Нема некоја драстична промена да се јавуваат пациенти со вирози, грип - кажа Марјан Спирковски, началник на Брза помош.
Лекарите советуваат граѓаните да бидат внимателни во овие снежни денови бидејќи тротоарите се подмрзнати.