Кумановци слабо пријавуваат сообраќајни прекршоци
Само три пријави од кумановци стигнале во МВР во рамки на проектот “Предложете сообраќајна контрола“ иако во градот владее сообраќаен хаос.
Еден граѓанин побарал да се дислоцира возило кое било непрописно паркирано на улица “Иво Лола Рибар“, а другите две поплаки се за брзо возење во населбата Карпош и на крстосницата меѓу “Октомвриска револуција“ и “Трета МУБ“.
„ По првата пријава е постапено, излезено е на терен, возилото е отстрането од тротоар и сопственикот е казнет. За другите две пријави, бидејќи се пристигнати завчера и вчера, уште не е постапено по нив. Граѓаните можеби се во забуда и мислат дека проектот “Пријави сообраќајна контрола“ е само за Скопје и не пријавуваат од другите градови. Но ние ги охрабруваме тоа да го направат преку банерот поставен на сајтот на министерството „ - изјави Марија Јаковлеска од МВР.
Околу 90 отсто од барањата за сообраќајна контрола се однесуваат за Скопје.