Кумановци слават Свети Валентин и Свети Трифун
Денеска православните христијани го слават Свети Трифун, а католиците Свети Валентин.
Додека помладите повеќе простор отстапуваат на Денот на вљубените, постарите даваат предност на виното. Со чаша вино и со подароци на своите партнери, кумановци подеднакво ги слават двата празника.
Душица Сеизовска Јовановиќ, советничка во ГРОМ, вели дека ги почитува и двата празника.
Поврзани се еден со друг, и виното и љубовта одат заедно. Двата празника и денот петок, претставуваат еден убав момент кој ќе го искористиме за убави мигови со семејството, со партнерот и секако со децата. Ние си го прославуваме со мојот сопруг на свој начин, со чаша добро вино, со пријатна вечера и со меѓусебен разговор- вели Душица.
Розита Благојевиќ, директор на ОУ“Браќа Рибар“ с.Табановце го слави само Свети Трифун.
Овој празник е рефлексија на нашата религија, а јас ја почитувам религијата. Свети Валентин е нешто што е наметнато иако живееме во врeме кога треба да се почитуваме, да ги почитуваме другите. Мислам дека Свети Валентин е искомерцијализиран. Мојата ќерка има 27 години и таа размислува како мене. Немаме лозје да закроиме, но ќе направиме свечен ручек, ќе прославиме со вино- додава Благоевиќ.
На исто размислување е и Трајан Димковски од Рурална коалиција.
Свети Трифун јас оваа година го одбележав со закројување на лозниците во дворот за да се сочува традицијата, но е и дополнителен мотив за да се поразговара дома и децата да се запознаат со нашите традиции кои се пренесуваат со векови. Имавме заедничка тема за разговор во семејството и многу повеќе објаснувања за децата зошто се слави и треба да се слави Свети Трифун. Свети Трифун се славеше и кога црквата немаше толкаво медиумско влијание како што е денес, а сепак земјоделците - лозарите си го слават со векови. Овој ден се поклопува и со денот на вљубените Свети Валентин кој повеќе е комерцијален празник. Ако го славиш се подразбира дека мора да купиш подарок и да го подариш на твојот сакан. За Свети Валентин објаснувањето е многу кратко на твојот сакан треба да му купиш подарок и да ја изразиш љубовта. Но со еден подарок дали се изразува љубовта?- прашува Димковски.
Свети Трифун е роден во областа Фригија во Мала Азија. Според христијанските верувања, уште од рано детство во него се пројавила необична Божја благодат со покажување на дар на чудотворство. Тој на изненадување на своите современици имал моќ над болните. Посебно душевно заболените по погледот на младиот Трифун биле излекувани. Меѓу многубројните негови чуда кои што ги вршел, се споменува и исцелувањето на ќерката на римскиот император Гордијан.
Една легенда кажува дека Валентин бил свештеник кој служел во текот на третиот век во Рим. Кога императорот Клаудие Втори одлучил дека неженетите мажи се подобри за војска од оние со жени и фамилии, ги забранил браковите за младите мажи - неговите потенцијални војници. Валентин, сфаќајќи ја нанесената неправда, се спротиставил на Клаудие и продолжил да склучува бракови на млади љубовници во тајност. Кога тие активности биле откриени, Клаудие наредил да го погубат. Како и да е секој 14-ти февруари, вљубените разменуваат цвеќиња, колачи и подароци, а сето тоа во име на Свети Валентин или во чест на својата љубов.