Куманово дел од заедницата на градови за енергетска ефикасност
Градоначалникот Зоран Дамјановски, денеска потпиша повелба на градоначалници, која преку секторот за евроинтеграции ќе биде испратена во Брисел.
На конференцијата што ќе се одржи во понеделник ќе присуствува и општинска делегација каде ќе се потпише меморандум за соработка на еколошки проекти.
- На таа средба ќе биде Жозе Мануел Баросо, комесар на Советот на Европа, и други видни личности од политичкиот живот на Европа. Ќе биде присутен и Арнолд Шварценегер, како иницијатор за заштита на животната средина и енергетската ефикасност на големите градови. Ова е едно глобално дижење, а европската заедница направи една асоцијација. Ние како најголема локална самоуправа во Македонија се приклучуваме и имаме свои определени одговорности и задачи. Со сите наши проекти да успееме да ја намалиме продукцијата на јаглерод диоксид на помалку од 20 отсто, да направиме мониторинг на најголемите загадувачи и аналогно на тоа да дадеме препораки за отстранување на тие загадувачи. Ми претставува задоволство како прв човек на градот што влегуваме во оваа заедница - изјави Дамјановски.
Тој најави дека граѓаните, невладините организации и стопанствениците ќе треба да се едуцираат како да штедат енергија и со тоа да го намалат загадувањето на животната средина.
Дамјановски вети дека како дел од заедницата ќе го дадат својот придонес за Македонија и регионот, бидејќи се планира проекти со средства од претпристапните фондови.