Куманово има долга и светла борбена традиција
Со трибината “Слободно Куманово“, општинската органзација на СДСМ синоќа ја обележа 69 годишнината од ослободувањето на градот.
На трибината беше заклучено дека Куманово дало многу жртви за слободата на својот град, а главната улога во борбата против фашизмот ја има кумановската дивизија.
Царевка Виличиќ, член на Сојуз на борци Куманово, се потсети дека со неполни 16 години заедно со многу нејзини врсници се вклучила во војната и поминала низ многу премрежја. Младите партизани ги одликувала голема храброст, а особено биле одлучни во нападот на Ристовац и минирање на возовите на пругата во Табановце.
За да тргнеш во партизани, млад човек треба да е психички подготвен и да знае дека тоа е тежок живот. Повеќе млади скоевци, претежно женски се упативме кон Козјак. Моравме да бидеме храбри, одевме пеш. Нашите другари не пречекаа. Утредента ни дадоа англиски чевли. Првата борба беше Ристовац. Два дена учевме со пушка да пукаме. Милан Лисица беше главен иницијатор за минирање на возови на Табановце, но беше ранет и почина - објаснува Виличиќ.
Кумановската дивизија била единствена во Југославија која во основа го содржела името на градот тврди професорот по историја Радован Илиќ.
Куманово дало многу жртви Македонци, Албанци, Турци и други. Куманово многу се истакнало. Нашата околија многу придонела во борбата против фашизмот и во армијата која потоа била четврта најсилна во Европа. Куманово бил дел од 5 - та оперативна зона, северните и североисточните делови на Македонија. Уште на првото заседание на АСНОМ во Прохор Пчински бил разработен план како да се ослободи Македонија - рече Илиќ.
Историјата да се остави на вистинските, а не на квази историчарите, побара Драган Стојмановски, претседател на Здружението на армиски и полициски ветерани.
Во Куманово светлата традиција не е од 1941 ,туку уште од 24 септември 1919 година кога била формирана комунистичка партија. Од тогаш е борбено, црвено Куманово. 11 ноември е ден кога се остварија соновите и на живите и на загинатите - додаде тој.
Трибината ја организираше општинската организација на СДСМ по повод 69 години слободно Куманово.