Мени

Куманово има над 3000 крводарители

05.02.2013 13:43 | KumanovoNews

 Лани 3144 крводарители учествувале во акциите кои преку година ги организира Црвен Крст Куманово.

Куманово има над 3000 крводарители

Крводарители има од различни возрасни групи, а доминантни се Македонците, зад нив се Ромите и сосема мал дел од крводарителите се од албанска националност. Некои од крводарителите дарувале крв над 100 пати. Секоја година на 17 март - Ден на крводарителството во Македонија признанија добиваат граѓаните кои биле активни и оствариле од 5 па се до 75 крводарувања.

 Во средните училишта има акции во пролет и на есен. Младите се редовни дарители, во гимназијата “Гоце Делчев“ собираме по 100 крвно единици, а во Техничкото “Наце Буѓони“ по 60 ученици даваат крв.  Ние го зголемивме бројот на крводарители. Во 2007 година имавме 1800 крводарители, и планиравме за следната година да стигнеме до 2800, но и таа бројка ја надминавме. Ние успеавме да ги мотивираме граѓаните да даруваат крв - изјави Ива Младеновска, координатор на крводарители во Црвен Крст Куманово.

Иако е млад, Дејан Алексовски, волонтер во Црвен Крст досега 25 пати давал крв. Вели дека и во иднина ќе продолжи со ова темпо бидејќи сака да им помага на луѓето.

Почнав од 18 години, а сега имам неполни 24 години и успеав 25 пати да дадам крв. Бидејќи машките на 3 месеци даваат крв, јас стандардно секоја година давам по четири пати крв. Тоа го правам од хумани причини. Со брат ми еднаш отидовме во Белград специјално за да давам крв за болен човек на кој му беше потребно. И во Скопје давав крв за пријател на мојот родител кој боледуваше од тешка болест. Се чувствувам здрав, и додека можам сакам да помагам - рече Алексовски.

Со дарувањето крв Алексовски неколкупати досега спасил живот, а во Црвен Крст волонтира веќе 8 години.